top of page

Приказна за инстант феноменот


Како мала една од омилените песни на Queen ми беше “I want it all and I want it now”, што во превод би значело сакам се и сакам одма, сега, веднаш ако не и вчера. Можам гордо да кажам дека една од најголемите лични победи ми е токму надминувањето на овој став, иако од време на време ми се случува да препознаам моменти на обиди повторно да се провлече назад. Најдолгата лична борба за надминување на овој став ми беше со средината во која растев, работев и ден денес постојам, која го форсираше и се уште го поддржува истиот тој став.


Толку ни е навлезено во психата и однесувањето, што несвесно го имаме прифатено и како шега во секојдневниот говор. Пример од работа: Се јавува клиент и бара некаков совет, па на прашањето за кога му треба, одговорот е најчесто – „Абе, знаеш кај нас како...се е за вчера!“ И кикири, какара, сите слатко ќе си се изнасмеете, а после ти си ја тупиш главата како овие десет проекти да ги завршиш до крајот на денот.


И ова ме натера да истражам малку повеќе за кој прв почна со инстант потребите и кога инстантот стана новата норма.


Малку историја

  • 19-ти век: По конзервираната храна што била широко користена во Наполеоновите војни, првиот иновативен инстант производ е инстант кафето (патентирано во 1890 година).

  • Ран 20-ти век: Масовното производство и преработената храна, ни носат производи како што се млеко во прав, инстант пудинг и брзо подготвени житарици.

  • По Втората Светска Војна: Во период од 1950-70-тите години, индустријализацијата и промените во семејниот живот (поголемото вклучување на жените во работната сила) доведуваат до експлозивен раст во светот на инстант производи.  Во овој период инстант нудли, микробрановите јадења и ладно сушеното кафе стануваат секојдневие.

  • Дигитална ера (1990-ти – денес): Со дигитализацијата, феноменот „инстант“ сега добива сосема поинаква димензија. Повеќе не се однесува само на храна – сега ги опфаќа и комуникацијата (инстант пораки), забавата (стриминг сервиси), финансиите (инстант плаќања и трансфери).


Предности?

Секако дека заштедата на време е голема предност. Примарната интенција на инстантниве производи верувам била да се подобри ефикасноста, да се зголеми удобноста и да се олесни секојдневниот живот. И да, во ситуации на итност помагаат барем да се запре крварењето се до идентификување на подолготрајно решение.


Но, некако не донесовме унифицирана дефиниција за што е итно. Па, кога увидовме дека итните проблеми добиваат преференцијален третман, одеднаш се стана итно.


А што пак направивме со екстра времето што го добивме со оваа сега ултра ефикасност и продуктивност? Си го затрупавме со уште повеќе задачи и обврски кои „треба“ да ги завршиме. Обврски на работа, обврски дома, обврски со пријатели, обврски со роднини, обврски со институции. А бидејќи велнес практиките велат дека ако сакаш сето ова да го постигнеш мора да си дадеш време и за себе, одеднаш добивме и обврски за забава, задоволство и одмор.


И така наместо инстант производите и инстант ставот да ни се најдат во инцидентни и итни ситуации, нам ни станаа секојдневие и норма. И така наместо да добиеме повеќе време, се повеќе го чувствуваме притисокот и стресот од негов недостаток.


Со инстант и суперпроцесираната храна полна со исклучиво високо ниво на натриум, шеќери и конзерванси, си придонесовме за масовно ширење на метаболни пореметувања на организмот. Со инстант обврските и се што треба да се заврши за вчера, здравите долги прошетки во природа, ги заменивме со 10 минутно трчање на лента како лабораториски заморчиња или протегање на нозете од бирото до кафематот и назад. А, со ова само си ја прошируваме листата на здравствени физички проблеми.


Но, тоа не е се. Со инстант барањата си дојдоа и инстант потребите. Потребата за инстант заработка, инстант резултати, инстант задоволство, инстант гратификација. И кога таа потреба не се задоволува инстантно, настанува глич во системот. Незадоволство, несамодоверба, фрустрација, губење контрола, страв, гнев, тага, депресија. Ти звучи познато?


Како поинаку?

Кога почнав да работам како даночен советник, многу од нештата ми беа нејасни, материјата беше обемна и структурата на пишување на совети беше сосема поразлична од се дотогаш што сум работела и згора на тоа беше на бизнис англиски јазик. Она што го помнам е дека едно утро се разбудив и одеднаш се чувствував дека знам се. Имав огромна доверба во знаењето, пишувањето на совети ми беше како песна и правев слаломи од една во друга комплексна тема на дневна основа. Го помнам тоа како магичен инстант од кој јас официјално станав консултант. Ама ретроспективно, за тој магичен инстант да се случи, јас една година учев, истражував, пишував, грешев, па учев уште повеќе од самите грешки. Имаше цел еден процес зад тоа.


Прашајте еден земјоделец колку време, труд, работа е потребно од засадување на семка дур да го добие плодот на природен начин. Има цел еден процес зад тоа.


И за инстант кафето да се случи, некој мозгал, работел, грешел, со години дури да дојде до вистинската формула. Имало цел еден процес зад тоа.


Знаејќи колку е времето релативен концепт, ајде да не и дозволиме на илузијата за инстантот да не лаже дека се мора одма, сега, ако не и вчера. Да им се вратиме на процесите. Јас сум човек што обожава процеси, затоа што детално, внимателно, плански, со пресметани ризици го водат растот и развојот на продуктот за кој постојат. Процесот овозможува да осознаеш како, да спознаеш зашто, да откриеш кога, да поврзеш кој.


Да им се вратиме на конекциите. На човечкиот допир. На природата.


Полека, чекор по чекор, со замена на некорисните со корисни навики, со учење преку обиди и грешки, со труд и работа преку љубопитство и дисциплина. Со прифаќање на некомоција, нелагодност и свесно отворање на конфликти до нивно разрешување.


Да си го вратиме времето назад.

 
 
 

Comments


Контакт 

Лазар Трповски бр.30/3-1
1000
​​
Тел: +389 (0)72 422 026
Е-пошта: ivana.bellek@gmail.com

  • LinkedIn
  • Facebook
  • Instagram

© 2024 од LekicKa. Сите права се задржани.

bottom of page