top of page

Приказна за максимумот на денот

Вовед

Многу нешта се случија изминативе две недели.

Многу нешта се случуваат веќе со години наназад.

И сакав нешто да пишам.

За секојдневните нечовечности, неодговорности и себичности на исплашени и изгубени дечиња кои облечени некомотно во возрасни, хараат во денот влегувајќи од една улога во друга, а никогаш во себе си.




Сакав да пишам за родителот кој доцни да го однесе детето на училиште, па го влече како партал зад себе вриштејќи му да побрза, рипајќи на сред улица од зад грмушки.


За фраерката со џипот кој едноставно мора да го паркира на сред влез од градинката, за остатокот од децата и родители да мора да заобиколуваат на сред улица и измислуваат инвентивни начини да влезат.


За дедото што беше збунето шокиран што му застанав на пешачки премин, а потоа ми се поклонуваше од благодарност како да сум негов „ангел“.


За докторката која одбиваше да го прегледа мојот седум годишен син за да не има алергиска реакција откако го боцна пчела, затоа што не му била матичен лекар.


За стампедото ликови кои се буткаа да стигнат преку ред на шалтер, додека трудна осми месец (притоа со дијабет и висок крвен притисок), уредно си чекав зад жолтата линија.


За госпоџата што не сакаше да го собере изметот на нејзиното куче од зелената површина меѓу зградите каде си играат дечињата, зашто тука веќе имало измет од уличните кучиња, па кој ќе приметел.


Сакав да пишам.

Ама не пишав. Зашто беше време за молк.


Но, сега е време за една поинаква приказна. Приказната за максимумот во еден ден.


Иде вака...

Ги отвараш очите со мислата денес ќе го дадеш својот максимум за тој ден. Можеби утринава батериите наполнети на стотка, а можеби денес не си баш-баш, ајде да речеме на пееска. Неважно, ќе го дадеш својот максимум за тој ден. Ако си под нулата, ич не станувај, телото ти вика дека ти треба одмор, а и така ништо добро не се случува во такви денови, верувај ми. И одиме...


Направи напор да се разбудиш точно на време за да можеш да ги испочитуваш сите активности и ритуали кои ти се потребни за да се соземеш и освестиш. Ова вклучува и прошетка на домашното милениче, доколку го имаш, и доколку има потреба да го изнесеш надвор, и притоа потсети се уредно да го отстраниш изметот.


Разбуди ги децата некое време пред излегување, а ти знаеш колку им е потребно, зашто впрочем тоа е една од главните причини за твоите доцнења. Дај им доволно време да се разгибаат, прозеваат, мијат заби, лапаат муви во ходник бидејќи се заборавиле на пола пат до детската каде тргнале по левиот чорап, да извојуваат победа во изборот на облека за тој ден и конечно да излезете од дома. Да имаш доволно време да ги однесеш барем десет минути пред да почне наставата, да си почекаш културно на семафор и да поминеш дури откако ќе сигнализира зелено, да не влегуваш во конфликти со останатите учесници во сообраќајот, да не чувствуваш потреба нервозно да притискаш на свирката, додека не ја тргаш ногата од гас, пресекувајќи му пат секому. Да имаш време уредно да се пракираш, без да го блокираш влезот на училиштето.


Откако ги остави децата безбедно каде и да требаше, пушти си музика која те релаксира и радува и продолжи по патот кон работа, возејќи во дозволената брзина на левата или средната лента, внимавајќи десната да ја оставаш генерално слободна за јавниот превоз кој носи многу други луѓе и деца кон нивните обврски за тој ден. Потсети се, на некои места во градот нема семафори, но сепак има пешачки премин и кога ќе му се доближуваш, едноставно подзапри.


Ова важи и за тебе што возиш мотор, велосипед, тротинет, мотокултиватор, контејнер, моноцикл, и што год да има тркала , а си одлучил дека ќе го користиш како транспортно средство. Ова важи и за тебе кој одиш пеш. Преминувај улица само на обележаните премини, будно проверувај го семафорот, и дури и да е зелено сепак погледни лево-десно, пред да направиш чекор и внимателно да поминеш.


Кога ќе стигнеш на работа, одговорно давај го својот придонес, со своите вешти раце, со твојот интелект, твојот труд, твојата детска љубопитност и твојата искуствена желба за создавање. Ако не ти се допаѓа тоа што го работиш, местото во кое работиш, луѓето со кои работиш, аман смени ја работата, смени го местото, смени нешто. Не велам дека е лесно и едноставно, но барем е можно. Секогаш има опции и тоа е најважното.

Посебно во денешницава кога имаме лесено достапни информации, пристап до акумулирано знаење, можности за изучување на нови вештини и пристап до луѓе.


Ајде да се договориме.

Извади ги бубиците од уши и не зевај во телефонот. Животот се случува околу тебе и потребни ти се дразби на сите сетила за да го осознаеш тоа.

Кога чекаш на ред, застани зад жолтата линија.

Држи пристојно растојание од барем пола метар од кој и да чека на ред пред тебе.

Ако имаш повеќе, сподели.

Ако ти недостасува, побарај помош.


И што и да правеше денес, кон крајот на денот, конечно се враќаш безбедно дома. Ги гушкаш најмилите и си легнуваш. Горд на себе си што го даде твојот максимум за овој ден, спокојно и лесно ќе заспиеш и тоа без помош на умозатупувачки и душезанемувачки легални или полулегални опијати. И не дека немаш грижи, стравови, сомнежи, нервози и болка. Баш затоа што ги имаш, ти и утре ќе станеш и ќе го дадеш својот максимум за тој ден.


Како и секој ден.


Како и секој еден од нас.


Епилог

Што и да чувствуваш, што и да мислиш дека те ограничува, спречува или поинаку поврeдува и затоа баш денес не можеш да го дадеш својот максимум на денот, не доаѓа однадвор.

Не доаѓа од дождот или жешкото сонце.

Не доаѓа од партнерот, децата, родителите.

Не доаѓа од комшијата, колегите, другарите.

Не доаѓа од часовникот.

Доаѓа од тебе.


А, кога ќе одлучиш дека сакаш да го искажеш, осознаеш, разбереш, разложиш, надминеш...


Само побарај помош.

 
 
 

Comments


Контакт 

Лазар Трповски бр.30/3-1
1000
​​
Тел: +389 (0)72 422 026
Е-пошта: ivana.bellek@gmail.com

  • LinkedIn
  • Facebook
  • Instagram

© 2024 од LekicKa. Сите права се задржани.

bottom of page