ТРЕБА ИЛИ САКАМ?
- Ivana Lekic
- 7 days ago
- 4 min read
Минатата недела дадов свое видување на темата инстант феноменот и како истиот влијае врз нашите животи. Како решение предложив да им се вратиме на процесите т.е. да му дадеме време на времето за нештата да се случат кога ќе бидат доволно созреани. Да дозволиме природно движење низ развојните фази без усиленост.

И супер ова моево филозофирање, но како да се спроведе во пракса. Замотани сме толку во клопчето на брзо, сега, одма, ако не и вчера, што е многу тешко да се види каде почнува а каде завршува конецот. Епа, како и секој старт, така и стартот на ова наше одмотување започнува со првиот чекор.
Се започнува од промена на концептот и како се изразуваме – наместо ТРЕБА кажи САКАМ.
Да се објаснам. Примарните патерни на нашите емоции кои понатаму се преточуваат во одередно однесување, се троножец кој стои на следниве три столба – држење на телото, ментален фокус и значење кое го придаваме со зборовите кои ги користиме при изразување. Иако сите три се многу значајни и играат релевантна улога во градење и поддржување на одредено однесување и навики, до сега во мојата пракса сум започнувала со делот на изразување.
Можеби затоа што е дел кој може најлесно да се освести затоа што по својата природа е „гласен“. А, можеби и остатоци од претходната професија во која најважно нешто беше изразувањето или како милувавме да го кажеме – вордингот. Едно те исто нешто можеш да го кажеш на многу начини, зависно од реакцијата која ја очекуваш и посакуваш од другата страна. Но, кога ова го правиш несвесно, а другата страна си ти, станува опасно зафркнато.
Поконкретно на темата
Кога ќе кажеш треба, независно дали ќе го вокализираш или ќе си го кажеш во себе, на мозокот несвесно му даваш инструкција за несакана обврска, за нешто што мора да се направи, а тоа веднаш ти буди непријатни чувства. Ако почнеш да си ги редиш една по една обврските кои треба да ги завршиш денес, влегуваш во една луда спирала која бесконечно расте и се шири. Расте до степен до кој ти не го гледаш крајот, те фаќа блага паника, вознемиреност, што се преточува или во целосна парализа или во трапава трка со времето. Со еден збор, те става во состојба на стрес. А една од дефинициите за стрес е токму ова - состојба во која треба да правиш нешто што не сакаш или не се чувствуваш комотно да го правиш.
И замисли ако секоја активност ти ја дефинираш како нешто што треба, ти ќе бидеш во состојба на постојан стрес. И претпоставувам ова кореспондира со твоето секојдневие. Барем тоа беше резултатот кој го добив од мини анкетата спроведена за време на отварањето на ЛекичКа, а ја споделив во една од моите претходни статии.
И сега главното прашање, дали нешто треба или мора? Треба само да се умре...Ок, и да се плаќаат даноци. За се останато, постојат опции. Твојата опција е да го смениш начинот на кој се изразуваш. Наместо треба, почни да користиш сакам.
Зашто ако размислиш малку подлабоко, се што реално правиш, го правиш со некоја цел од која ќе имаш лична придобивка или придобивка за твојата околина, трагнувајќи од најблиското семејство па натаму. Па дури и работата што можеби не ја сакаш, ти дава финансиски средства, за да можеш да си дозволиш, купиш и искусиш нешта кои ги сакаш. И освен во екстремни ситуации, генерално никој не може да те натера да направиш нешто што не сакаш. Може да не ти е сосема комотно, може дури и да не ти се допаѓа, ама длабоко во себе знаеш која е причината зашто САКАШ да го направиш и токму затоа ЌЕ го направиш.
Лично искуство
Ќе ти звучи можеби смешно, но еве како јас се фатив во сопствената замка на овој пристап. Постојано се жалев дека кој што и да прави дома, јас сум цело време над мијалникот и имам еден куп садови кои треба да ги мијам. Но, со помош на една експериментална вежба сфатив дека, јас сакам да ги мијам садовите. Прво, затоа што ме релаксира. Го ангажира мозокот доволно за да не ме одвлекува со мислите и јас можам спокојно да лебдам низ празниот простор. Второ, некогаш ми е добар начин да ја истресам негативната енергија насобрана од дента и да испроцесирам некои непријатни емоции преку поагрсивно триење со сунѓерчето.
Заклучок – и некој друг може да ги измие садовите, ама јас избирам да го правам тоа затоа што сакам. А, зошто се жалев? Зашто кога велев дека треба, го перцепирав како терет, како обврска. Има тука и други подлабоки причини, но за тоа друг пат, кога ќе пишувам за човечките потреби.
Ова беше само еден доста банален и метафоричен пример. Можеби за тебе е усисување, фанатично миење на колата дури и кога очекуваш да врне, поправки по низ дома дури и на она што не е баш расипано, што да е ама мислам дека ме разбираш што сакам да кажам.
Предлог вежба
Денес запишувај си секогаш кога ќе зборуваш за некоја твоја активност, независно дали сам со себе или со некој друг. Внимавај на начинот на кој се изразуваш и зборовите кои ги користиш, и запиши ги истите, затоа што тоа е многу важно.
Пример:
Треба да му се јавам на соработникот од банката.
Треба да и се јавам на мајка ми.
Треба да појдам до аптека да купам витамини.
Сакам да се видам со пријателите.
Сакам да пијам кафе.
Вечерта пред спиење, убаво разгледај ги речениците.
Колку содржат ТРЕБА а колку САКАМ?
Колку од нив реално се САКАМ? Кога веќе си ги идентификувал, од сега свесно ќе ги ословуваш со САКАМ ДА...Ќе правиш грешки, но со текот на времето се помалку и помалку. Нели се договоривме дека е процес и ти треба време да го навежбаш.
Колку од нив се навистина ТРЕБА т.е. МОРА? За тие посебно допиши што мислиш дека ќе се случи ако не ги направиш тогаш кога си замислил? А, што ќе се случи ако воопшто не ги направиш? Ќе се изненадиш од резулатите и од сопствените одговори.
Ако не насобра доволно материјал да донесеш релевантни заклучоци, продолжи со вежбата до крајот на оваа недела.
Ако запнеш некаде, повикај пријател😉
Kommentare