Пред некој ден пишував порака и сакав да си додадам смајли (emoji) согласно како се чувствував во моментот. Го отворив делот со смајлиња, но ниту едно од нив не рефлектираше целосно како баш се чувствувам. Така кликнав да видам што се опции на чувства имам на располагање во листата на смајлиња и одеднаш еден цел нов свет се отвори пред мене. Сфатив дека имам толку сиромашно познавање на моите емоции. Со сигурност ги чувствувам, да, но, не знам ниту да ги именувам, а уште помалку да ги спознаам.
Така одлучив да направам едно мало истражување за да разберам дали и другите возрасни се мачат со истиот проблем. На забавата за мојот 40ти роденден, ги замолив сите (група од околу 100 души, на возраст близу мојата, значи као возрасни-чки), анонимно да дадат одговор на следново прашање:
"Кои емоции најчесто ги чувствувате во текот на еден сосема обичен и просечен ден?"
Имаше преку 80 одговори, значи еден добар репрезентативен примерок. Имаше интересни одговори, вклучувајќи дури и измешани и спротивни емоции, како љубов и бес. Некои имаа напишано благодарност и среќа. Некои не ни можеле да го формулираат во збор тоа што го чувствуваат, па се изразиле преку цртеж. Но, најголемото изненадување беше што дури 70% имаа напишано: СТРЕС, што воопшто и не е емоција. Согласно Светската Здравствена Организација, стрес се дефинира како состојба на грижа или ментална тензија, предизвикана од некоја потешка ситуација. Емоциите зад завесата на стресот, кои всушност ја режираат целата претстава, можат да бидат секакви - од тага, осаменост, фрустрираност, гнев, лутина, бес, страв, до еуфоричност, љубопитство, несигурност, збунетост. Но, ние возрасните, сме си решиле да ги спакуваме во една универзална торбетина и да си ја влечеме на рамо, без притоа да се запрашаме што има внатре или зошто воопшто ја носиме.
Значи, нештата се уште пострашни од што си претпоставував. Не само што не ни е позната целата палета на емоции што постои, туку мешаме состојба на ум и тело, со емоции.
Има толку многу емоции кои ги чувствуваме во текот на еден ден, час, па дури некогаш истовремено. Можеме да се чувствуваме во истовреме тажни и лути, среќни и бесни, фрустрирани и откачени, можеме да чувствуваме било што и сешто. И сето тоа е ОК! Сите емоции имаат своја цел - да ни помогнат да процесираме нова информација и нова ситуација во која животот не втурнал.
Што да се прави?
Треба да се едуцираме за нашите емоции, за подобро да можеме да ги идентификуваме нашите потреби и да создадеме здрави и поддржувачки навики и начини со кои ќе ги задоволуваме таквите потреби. Вака ќе можеме подобро да го разбереме и однесувањето на другите, да ја подобриме јаснотијата со која комуницираме, и да изградиме подлабоки и позначајни врски.
Идентификувањето на емоциите зад состојбите е нешто што веќе го практикувам на сесиите со моите клиенти. Но, судејќи по резултатите од моето мини истражување, чувствувам дека оваа дискусија треба да стигне до пошироките маси. Затоа одлучив, колку што можам повеќе да пишувам тука и на таа тема и да помогнам низ процесот на емотивна едукација на сите нас као-возрасни.
Comments