top of page

Внимание – мостот се поправа!

Како шлаг на тортата, за крај на овој месечен циклус ја оставив најважната работа во градење на здрави меѓучовечки односи.


💁Ќе речеш, кој крај Ивано, па нели комуникацијата беше најважна?


И да, во претходните изданија зборував за тоа дека комуникацијата е рбетот на здрави односи – независно дали се романтични, пријателски или професионални.


Дека главните причинители за мискомуникација се различните модели на светот поради кои сите ние имаме различни дефиниции, правила и значења за еден те исти поим. И дека јасноста, љубопитноста и активното слушање со фокусирано внимание и длабоко грижа се алатките кои би ти помогнале во премостување на овие разлики.


Но, еве ја горката вистина:


💥Џабе комуникацијата, ако нема доверба!


  • Можеш да се објаснуваш јасно и логично до сто една и назад.

  • Можеш да ги споделиш твоите намери, планови и стратегии на слики, мапи и графици.

  • Можеш да плачеш, да хистеришеш, да паѓаш во очај – да ги извадиш на виделина сите емоции.


👉Но, ако другата личност не ти верува – сетоа тоа ќе се одбива од оклопот на сомнеж и лична заштита.


И така се уништуваат односите. Не бидејќи не сме зборуваале доволно, туку бидејќи не сме верувале во кажаното. Разрушената доверба е најбрзиот пат до уништување на една врска - романтична, однос со бизнис партнер, однос со клиент, пријателство. Исто така е и најтешкото нешто да се поправи.


Довербата ја сакаме сите, а од друга страна најчесто ја компромитираме. Можеби ќе заборавиш што си ветил, ќе подизлажнеш овде-онде, ќе споделиш доверлива инфромација или едноставно нема да се појавиш – и ете отиде довербата.


И каде следно❓


🌀 Ќе си седиме и ќе чекаме на времето и среќата да ги залечат односите...


❗️Јас искрено не сум за чекање. Јас сум за акција 😊.


Во продолжение е еден модел кој го користам со клиенти а се покажал успешен во повторно враќање на довербата и нејзино одржување – во лични и професионални односи.


И ќе кажете каква е сега оваа магија? Или е можеби некоја стратегија?

 

👣Пет фази на градење на доверба


Ако си зафркнал, а сакаш односот да се задржи, следните фази можат да ти помогнат да ја вратиш довербата, па дури и да го кренеш односот на повисоко ниво од претходно, секако зависно од посветеноста и конзистентноста.


ФАЗА 1 – БИДИ ПОСВЕТЕН И ОДЛУЧЕН

Во првата фаза од процесот на обновување доверба, потребно е јасно и гласно да се изрази целосна посветеност. Делувањето мора да биде усогласено со потребите и чувствата на другата личност.


Принципот на доверба е едноставен: им веруваме на луѓето кои покажуваат искрена грижа за нас. Довербата се раѓа токму во најтешките и најстресни моменти. Во тие мигови, важно е да го ставиш егото на страна и несебично да го слушаш и разбереш другиот. Токму тогаш, вистинската посветеност станува највидлива.


Запомни: Не постои "се обидувам" – или правиш, или не правиш. Јасно и просто.


ФАЗА 2 – ПОКАЖИ ИСКРЕНА РАНЛИВОСТ

Интелектуалното демонстрирање на посветеност не е доволно. Потребна е вистинска, емотивна автентичност. Во оваа фаза се бара длабоко да навлезеш во себе си и искрено да ја покажеш својата ранливост. Причините зад повредувањето обично се поврзани со стравови, незаздравени рани, потиснати фрустрации или недоизразена огорченост.


Кога искрено ја признаваш и споделуваш својата човечка страна, престануваш да бидеш во офанзива или дефанзива. Се позиционираш во еден смирен простор на автентичност – и токму тоа е подготовка за третата фаза.


ФАЗА 3 – СПОДЕЛИ, СЛУШАЈ, УЧИ

Во оваа фаза се раскажува својата страна на приказната – без обвинувања. Важно е искрено да ги споделиш своите емоции и причините што довеле до ситуацијата. Уште поважно – со отвореност и почит да ја слушнеш другата страна.


Не нуди решенија веднаш. Ова е време за разбирање, а не за „поправки“. Доколку успешно си поминал низ претходните две фази, другата страна ќе се чувствува доволно безбедно за да сподели автентични реакции – сомнежи, фрустрации, разочарувања. Овие реакции не се знак на неуспех, туку уште поголема можност да ја покажеш својата посветеност и зрелост.


ФАЗА 4 – УСОГЛАСИ ЈА ВИЗИЈАТА

Во четвртата фаза, фокусот е насочен кон иднината. Потребно е отворено, партнерски и без предрасуди да разговарате за тоа како изгледа вашата заедничка визија. Без ривалства, без потреба за контрола – само искрен дијалог во име на заедничка насока.


Креирањето позитивна, реална и мотивирачка визија не само што инспирира, туку и враќа надеж. Кога двете страни се гледаат себеси во истата иднина, се појавува нова енергија за движење напред.


ФАЗА 5 – ДЕЛУВАЈ СО ЉУБОВ И ПОЧИТ

Целта на претходните чекори е создавање простор каде комуникацијата ќе заврши со разбирање, блискост и меѓусебна почит. Разговорот треба да кулминира во емотивна или пријателска конекција – зависно од типот на односот.


Но, ако тоа не се постигне, не значи дека процесот е завршен. Потребно е повторно да се поминат фазите, секогаш со уште поголема искреност, директност и ранливост. Кога постапките произлегуваат од место на љубов и почит, ретко кој останува рамнодушен.

...

Овие пет фази се применливи и во лични и во професионални односи. Разликата е во тонот и перспективата – суштината останува иста: довербата се гради низ посветеност, искреност и заедничка визија.


За помош, во продолжение ви направив табелка за двата аспекти.


Фаза

Професионален

Личен

1.

Посветен и одлучен

“Еве како ќе постапувам поинаку.”

“Ти си на прво место.”

2.

Искрена ранливост

Делувај со грижа, не со контрола и моќ.

Делувај со љубов, не со страв.

3.

Сподели, Слушај, Учи

Фидбек без одбрана.

Отворена комуникација.

4.

Усогласи визија

Да создадеме заедничка мапа.

Каква иднина сакаме и двајцата?

5.

Љубов и почит

Секојдневна примена, покажува дека можат да се потпрат на тебе

Секојдневна акција, не празни ветувања


📌ЗАКЛУЧОК


И како се ближиме кон крајот на овонеделната приказна, ни останува прашањето од самиот почеток – Градењето на доверба е стратегија или магија?


🍒Па, би рекла дека е и двете.


Стратегијата го гради мостот на доверба. Но, магијата е во храброста. Да го направиш првиот чекор на мостот, па вториот и така да го минеш пресретнувајќи се со другата страна на средина. Секој ден во континуитет, одново и одново. Дури и кога не си сигурен, дури и кога се плашиш дека можеби ќе се урне. 


📝КРАТКА ВЕЖБА ЗА ОВАА НЕДЕЛА


Избери некоја ситуација во која довербата помеѓу тебе и некоја твоја блиска и важна личност се разнишала поради твоја постапка.


Размисли и искрено одговори:

👉Што направив или не направив што не доведе до тука?

👉Кои потреби на другата личност ги запоставив или ги негирав?

👉Како поинаку ќе постапев?


Сега, запиши си едно нешто што ќе го правиш поинаку секој ден оваа недела за да покажеш дека имаш намера да се однасуваш поинаку.


💡А, доколку баш сега се соочуваш со голем предизвик во подобрување на некој важен однос и враќање на довербата, имам подготвено стратегија со детални инструкции, конкретни реченици и прашања, па дури и кој тон да користиш во говорот за секоја од фазите за градење на доверба. Да речеме еден своевиден прирачник за градење на доверба низ петте фази.

 
 
 

Comments


bottom of page