
Како се создаде ЛекичКа
Растејќи, ми велеа да учам напорно, да имам добри оценки, да завршам факултет, да најдам стабилна работа, да се омажам, да имам деца…
Никој никогаш не ми објасни зошто. А јас никогаш не застанав да прашам.
И така, започнав.
Бев меѓу најдобрите ученици, постојано преземајќи дополнителни активности и одговорности. Бев активен член на младински и невладини организации. Дипломирав Финансиски менаџмент во рекордно време со висок просек и продолжив да вложувам во својата професионална едукација сè до денес. Влегов во корпоративниот свет, работев напорно и постепено се искачував до сениорски и лидерски позиции.
Некаде по пат, станав и сопруга и мајка.
Според повеќето дефиниции, бев успешна. А, тоа значеше дека би требало да се чувствувам исполнето.
Она што никој не го гледаше беа емоциите зад приказната.

Постојаниот притисок дека никогаш не сум доволна. Верувањето дека секогаш можам повеќе, подобро, уште. Вината што сум далеку од семејството додека поминувам бескрајни часови на работа. Исцрпеноста од водење веќе изгубени битки. Бавното задушување на сопствената автентичност за да се вклопам во системи и туѓи очекувања.
И на крајот, данокот за сето ова беше моето здравје. И една многу блиска средба со смртта.
Додека лежев неподвижна во болнички кревет, слушнав како докторот дрско зборува во ходникот:
„Однесете ја на друго одделение. Нека им умре таму.“
Очите ми се наполнија со солзи. Низ телото ми помина бес. Иако едвај можев да се движам, адреналинот ме подигна од креветот — барем за момент. Немав повеќе сила и едвај зборував. Но, низ заби прошкрипев:
„Ќе преживеам.“
И ете преживеав.
За жал, брзо ги заборавив тие зборови и се вратив на старите навики. Затоа што тоа беше сè што знаев, а луѓето лесно се враќаат на она што им е познато и удобно — дури и кога е болно и самоуништувачко.
Потоа, еден многу обичен, помалку сив ден, налетав на една реченица:
„Во секој момент имаш моќ да кажеш, мојата приказна нема вака да заврши!“
И одеднаш, ме преплавија прашањата.
Која е мојата приказна? Која беше поентата на сè што изградив досега? Каде сум? Каде навистина сакам да бидам? Што сакам да оставам зад себе? И дали навистина вака сакам мојата приказна да заврши?
Сфатив дека една од моите најдлабоки потреби е придонесот. А мојата позитивна намера беше многу поедноставна отколку што замислував: Навистина да уживам и да го ценам животот.
И така нешто стана сосема јасно.
ЛекичКа никогаш не беше вистински „создадена“. На некој начин, таа отсекогаш била тука.
Присутна во секое менторирање, поддршка, слушање, борба против неправда и заштита на ранливите и безгласните. Сфатив дека отсекогаш сум верувала во добрината на луѓето и во позитивните намери зад дури и најкомплицираните однесувања. Отсекогаш сум го гледала потенцијалот во луѓето јасно, помагајќи им да ги откријат потребите под маските — дури и оние што сè уште не можат самите да ги препознаат.
Сè што поминав, лично и професионално, го обликуваше начинот на кој работам денес.
Корпоративниот свет ме научи на дисциплина, организација, стратешко и критичко размислување, издржливост и истрајност во пронаоѓање креативни решенија. Животот ме научи на човечност, понизност и едно многу неопходно чувство за хумор.
И денес знам — сето тоа се случило за да можам да ти помогнам.
Јас те гледам јасно.
Со мене, започнуваш одново.
Без фејкање.
На тој начин, јас конечно, почнувам вистински да ја живеам мојата приказна.
Од срце,
ЛекичКа

Мисија
Да им помогнам на луѓето да ја прифатат својата автентичност, да носат свесни одлуки со јасност и храброст, да преземат одговорност за своите постапки и да создадат поисполнет професионален и личен живот.
Визија
Се стремам кон иднина во која луѓето дејствуваат со човечност, љубов и добрина. Каде нашите постапки се водени од емпатијата и одговорност. Заедно, еден по еден, градиме заедница која ја вреднува различноста, го почитува индивидуалното искуство и придонесува кон колективна добросостојба.
Или, едноставно кажано — иднина во која сите повторно стануваме ЛУЃЕ.
Професионално искуство
Работно
искуство
• 17+ години во различни корпоративни системи
• Thomson Reuters, УЈП, речиси деценија во PwC,
CAML (SASA mine)
• Сениорски и водечки финансиски позиции во стартапи, производствени компании и комплексни индустриски средини
• Искуство како аналитичар, административен работник, даночен советник и бизнис лидер
• Работев и советував во разни индустрии (финансии, банкарство, осигурување, фармација, телекомуникации, трговија, производство, енергетика)
• Метод на Стратешка интервенција
(Tony Robbins / Cloe Madanes)
• Едукација во психологија на емоции
(University of Cambridge)
• Алатки базирани на NLP, бихејвиорална психологија и практични пристапи кон личен и професионален развој
• Континуирано изучување на човековото однесување, емоционалните обрасци, комуникацијата и промената
