Кој е зад воланот?
- Ivana Lekic
- Jun 9
- 6 min read

Што правиш веднаш штом ги отвориш очите?
Го земам телефонот за да го изгасам алармот, па проверувам дали имам нотификации и пораки на социјалните мрежи и апликации и уз пат ќе ѕирнам едно, две, три видевца или слики што некој ги постирал.
Колку време ти одзема тоа?
Хм...Најчесто 10 тина минути, ама ако се зазјапам може и многу повеќе.
Ти се случило ли да задоцниш поради тоа?
Ох, да да...
А, зошто го правиш тогаш
Абе, навика ми е...
Да речеме дека е ова многу подобар начин на будење од рипање од кревет штом заѕвони алармот, па да ти рокнат адреналин и кортизол до плафон, а со нив и крвниот притисок и срцелупаите. Но, и оваа навика не е баш нешто сјајна.
Пример да замислиме дека ќе прочиташ или видиш нешто што ќе те вознемири (растажи, изнервира, исплаши, исфрустрира, разгневни), ти го сетира расположението и сентиментот за барем добар дел од денот. Вознемиреноста несвесно ќе ја пренесеш и врз колегите и врз работата, а зависно до предизвиците на денот, приказнава може да ти „држи влага“ и за попладнето со семејството или пријателите. И пиши икс на денот.
А, пример во тие 10-15 минути можеше да се напиеш голема чаша вода и направиш кратки утрински вежби за растегнување и целосно будење на телото. Но, да се потсетиме – однесувањето на луѓето (па и твоето) е предводено од два аспекти: движење кон задоволство или бегање од болка. Соочени со избор, луѓето секогаш би го избрале второто. Затоа што е полесно и бара многу малку труд и акција, и најважно не бара промена. За да вежбаш сепак треба да станеш, па да го раздвижиш целото тело, па може и да пуштиш некоја капка пот.
***
Далеку од тоа дека те осудувам, затоа што и јас се фаќам себе си како го правам ова од време на време. И додека го пишував чувствав и срам и разочарување од себе, зашто пример сум скролала наместо да вежбам. И тука сфатив дека едната навика ја гледам како „лоша и грешна“ а другата како „добра и правилна“.
Хмм...Значи од некои навики се срамиме и се судиме, а други навики ги посакуваме, дури се гоордееме и се фалиме што ги имаме.
Здрави и нездрави навики
✅ Здравите навики се однесувања кои придонесуваат за твоето физичко, ментално, емоционално здравје и /или социјално благосостојба. Тие ја зајакнуваат твојата енергија, стабилност и отпорност на стрес и болести.
| ❌ Нездравите навики се однесувања кои го нарушуваат твоето здравје, функционалност или мир – директно (преку телото) или индиректно (преку мислите, емоциите или односите со другите).
|
· редовен сон, · балансирана исхрана, · физичка активност, · одговорно и навремено завршување на задачи, · свесно дишење или медитација, · градење и одржување на поддржувачки односи, · поставување лични граници. | · прекумерно јадење или гладување, · пушење, алкохол, зависност од екрани, · хронично доцнење или одложување прокрастинација, · самокритика или избегнување конфликти, · преоптоварување со обврски без пауза. |
Континуираното практикување на однесувањето, ја авотматизира навиката до тој степен што веќе не бара свесна дозвола од наша страна да „вози“. А веќе знаеме, кога истата таа навика задоволува три или повеќе потреби, таа веќе станува зависност – физичка или ментална.
Пример:🏃Твоето утринско трчање во 6 часот ти дава:
Сигурност – знаеш што да очекуваш.
Значајност – се чувствуваш гордо и „поразлично“ од другите.
Раст – имунитетот се засилува и телото ти се подобрува.
Љубов/Конекција – твојот клуб ти е како второ семејство.
А, кога е зависност, зад воланот седнува некој друг...
Сите знаеме кога вози „Лошиот шофер“, зашто секогаш брза. Иако е самиот хаотичен, рутата му е предвидлива: брзина без контрола, игнорирање на предупредувачките знаци и конечно во неизбежниот крај - бездна. Несомнено е дека нездравите навики кои се претвориле во зависност се штетни и несакани – од проста причина што многу лесно се препознаваат, прво физички на телото, а потоа и во однесувањето. И сите имаме искуство директно или индиректно со приказни од последиците од една таква зависност по здравјето на зависникот, но и на блиското семејство и воопшто околината. Болката и оштетувањата се директни, физички видливи и неодминливи.
Но, што кога зад воланот е „Добриот шофер“?
🧠 Од „здрава навика“ до опсесија
Во денешницава, како контратежа на нездравите зависности, се поголем фокус се дава на континуирано практикување на здрави навики и рутини. Џогирање, вежбање (сакаш јога, пилатес, зумба, теретана), „здрава и органска“ исхрана (хумус, протеински шејкови/барови, алги и скакулци), пополнување на секој слободен момент со слушање на подкасти за личен развој (сега е „најмодерен“ Габор Мате со фокус на траумите во детството и како да се биде „позитивен родител’).
Каде год отвориш по социјалните мрежи има совети од извикани специјалисти како да ја интензивираш навиката, што да додадеш, што да одземеш и најважно од се како да не се „откажеш“. Се креира култура на глорифицирање на овие „здрави навики“ и веќе се претвора во натпревар помеѓу луѓето кој е колку по „ин“.
- Кој јас? Јас не пијам кафе, ги исфрлив цигарите сега само „вејпам“. Трчам по 10 километри дневно и обавезно се бањам со мраз ладна вода!
👏 🎖️🙌Епа, браво! Медал за тебе! Или што би рекле во училиштето на син ми... - Дај рачето да ти пишам петка!
❓🤔Но, еве неколку непријатни прашања:
Колку си сигурен/а кој е зад воланот?
Дали се уште ја имаш контролата или ја препушти на „Добриот шофер“?
И најважно од се, кон што те вози?
Ако не го знаеш одговорот на прашањата, еве малку помош.
1. 🏋️♂️ Пропушташ едно вежбање и...Влегуваш во мини егзистенцијална криза. Ги броиш минутите до следното време и место каде што ќе биде социјално прифатливо да ги направиш тие заостанати вежби. Не, сега е доцна...Денот е уништен. А можеби и неделата.
2. 🥦 Нема брокула ниту црн леб во маркетот и...Ја преиспитуваш смислата на животот. Со поглед ја прострелуваш продавачката што се осмели да ти понуди бел леб. Знаеш што? Денот е уништен. А можеби и неделата.
3. 📆 Не постигна сè на „листата“ и...Склопчен во ќоше, седиш и се прашуваш дали воопшто вреди да се појавиш утре на работа – или едноставно веднаш да си дадеш отказ.Не вредиш. Ништо не знаеш. Ништо не можеш. Ништо нема смисла. Овој ден е дефинитивно уништен. А можеби и целиот живот.
Се пронајде ли во некоја од ситуациите погоре?
Тогаш, добредојде во светот на зависност од здрава навика — сестра на класичната зависност...ама на стероиди. Надворешно изгледа сјајно, а внатрешно тивко те гуши. И најлошо од сè? Прифатена е, посакувана, пофалена, дури и поттикнувана и наградувана, па немаш ни сила да признеш колку те ограничува и обзема.
Ова ме потсети на една комичарка, мислам дека беше индијка што вели – „Абе, јогата беше една мирна активност што си ја правиш дома, во пижами. Ама, се вмешаа американците и одеднаш стана – крвав спорт. Ги гледам млади девојки, со своите јога матови, и јога панталони од 200 долари со дупки на нив и брзаат, трчаат, ќе се потепаат, да стигнат на нивниот час по јога. Епа ако брзаш за на часот по јога...сигурно правиш нешто погрешно...“
Проблемот со „добрите“ зависности е што изгледаат импресивно маскирани во облик на продуктивност (нон-стоп работа), дисциплина (супер здрава исхрана), интелект (по 5 аудиокниги неделно).
Но, многу почесто те отсекуваат од вистинска блискост, не оставаат простор за спонтаност, ја хранат идејата за перфекционизмот и создаваат одлична подлога за емоционална ригидност и развивање на анксиозност.
Само затоа што нешто е прифатено, не значи дека е и добро. Посебно, не за твојата психа, и посебно не доколку ти го зема мирот.
☯️ Спас во балансот
Во филмот Little Buddha има една убава реченица што стар учител по музика му ја кажува на својот ученик:
„Ако ја затегнеш жицата премногу – ќе се скине. Ако ја олабавиш премногу – нема да свири.“
Ете ја суштината. И на проблемот. И на решението.
Да ја затегнеш жицата на својата навика – таман толку, за да ја слушнеш најубавата мелодија за тебе. Решението е во балансот, во внатрешната рамнотежа. Не пола од сè – туку токму колку што треба. Ни грам повеќе, ни грам помалку.
Тоа е оној тивок мир што ти дозволува:
Да паузираш – без вина.
Да излезеш од шемата – без паника.
Да бидеш присутен – без потреба да „постигнеш“ нешто.
Здравите навики се добри, важни и корисни…се додека зад воланот си ти.
Свесен и присутен за секое вртење, менување брзина и кочење.
✍️Кратка вежба за оваа недела
Одбери една од навиките која ја сметаш за здрава навика и за која се гордееш што ја имаш и одговори ги следниве прашања:
Каке се чувствувам ако ја прескокнам оваа навика?
Дали зборувам за оваа навика постојано – како да ми е цел идентитет?
Дали оваа навика ми пречи на односите, спонтаноста или внатрешниот мир?
Ако некој ми каже да паузирам една недела, дали чувствувам паника, вина или како да ми е одземено нешто?
Дали оваа навика ми носи радост – или само чувство на контрола?
Ако не ти се допаѓа каде води заклучокот, дефинитивно е време за реосмислување на ова однесување.
Comments