top of page

Како се „храните“?

Updated: May 20



Во психологијата метафорите и симболиката се користат за полесно процесирање на емоции и ситуации. А обичаите ми се чини се една од најсилните симболики, посебно зашто се испреплетени со твоето минато, твоето семејсво, со цел еден народ и култура.


🍰Затоа и сакам да ја почнам приказната, со еден обичај кој дури сега можеби вистински го сфатив. На крај од секоја свадба, нели ја носат свадбената торта. По обичај, невестата и младоженецот земаат по малку од првото парче и си даваат еден на друг залак. Признавам, одсекогаш ми било тоа премногу клише и без врска.


Ама, имало врска!

Зашто во сржта на овој обичај е едно силно ветување: Tаа ќе ги „храни“ неговите потреби, и тој ќе ги „храни“ нејзините потреби. И така најизменично...


❤️Сакам. Те сакам. Сакам да ме сакаш.

❤️Сакам да ме сакаш, ама како јас што сакам да ме сакаш.

❤️А како ти сакаш да те сакаат?


Се надевам дека со минатата вежба си одговори барем на ова прашање, затоа што тоа ќе ти помогне во следната – уште повисока цел:

👉 подобрување на комуникација со партнерот и

👉 унапредување на нивото на врската.


🤷‍♂️Ќе си речеш – Каква врска има ова со работа и бизнисот?!


Можеби најважната...


Кога сакаш длабоко и некој еднакво длабоко те сака, ти не само што се чувствуваш подобро – ти стануваш подобро битие. А со тоа - придонесуваш сè околу тебе да биде подобро. Или поинаку кажано од Red Hot Chili Peppers – „The love I made is the shape of my space“ (Љубовта што ја создавам – го обликува просторот во кој живеам).


Кога една романтична врска се заснова на доверба, меѓусебна почит и грижа, таа отклучува едно неверојатно ниво на внатрешна стабилност. Од тоа ниво:

✅како лидер водиш со многу поголема јаснотија

✅дејствуваш со непоколеблива самодоверба

✅движиш кон целите со изострен, но смирен фокус


💡Љубовта на највисокото ниво не е пречка во успехот – напротив таа е моторот што го движи!


Кога вистински ќе си ги разбереш потребите и ќе научиш јасно да ги комуницираш со партнерот – тогаш ќе почнат да се случуваат вистински и здрави промени во тебе. Кога основните потреби како сигурност, поврзаност, припадност и значајност ти се згрижени дома, твојата врска станува твојот столб.


📉Тогаш работата повеќе не служи како замена за емотивна исполнетост. Не бркаш таму валидација, вреднување или признание, бидејќи веќе се чувствуваш видено, вреднувано и поддржано таму каде ти значи најмногу.

📈Кариерата станува нешто преку кое растеш наместо да компензираш.

📈Создаваш не за да се докажеш, туку да придонесеш.

📈Дејствуваш не од место на притисок, туку од длабокото чувство за цел и насока.


Професионално растеш и се даваш целосно на светот – не бидејќи имаш потреба да се чувствуваш доволно, туку затоа што знаеш дека веќе си.


🪜НИВОА НА ВРСКА


Најчесто во својот развој една врска ќе ги мине сите три нивоа, но најважно е каде најмногу се задржува и најчесто гравитира.


🥉Ниво I – Егоцентричен однос: Контрола и докажување


🙋‍♀️🙋‍♂️Во оваа почетна фаза од врската, секој од партнерите е фокусиран претежно на себе и на сопствените потреби – емоционални, физички или ментални. Суштински, ова е фаза на градење на впечатокот и позиционирање: кој има поголема моќ, кој ќе ги постави „правилата на игра“, и кој ќе го контролира текот на односот.


Секој се обидува на некој начин да влијае или да го смени другиот, најчесто со цел да ја осигура сопствената сигурност, вредност или доминација. Се појавуваат чести борби за моќ и нескриени обиди за контрола.


Во оваа фаза, интимноста е честа, но површна. Таа е повеќе средство за самодокажување или добивање нешто (потврда, внимание, контрола). Ранливост и отвореност вешто се избегнуваат.


🥈Ниво II – Однос на условена размена: Паралелни животи


⚖️На ова ниво, односот се базира на условеност: ќе ти дадам, само ако и ти ми дадеш. Врската функционира како еден вид емоционална и логистичка размена, каде љубовта, вниманието и грижата се „трансакции“.


Се случува партнерите повеќе да не се обидуваат толку да се контролираат, но најчесто затоа што секој се повлекува во свој свет - без активен интерес еден за друг. Односот станува механички, со ограничен дијалог, минимална блискост, и сè почесто: секој си гради паралелен живот (со пријатели, хобија, понекогаш и емоционални/интимни алтернативи надвор од врската).


Ова е фазата во која многу бракови или долги врски „заглавуваат“, мислејќи дека мирот и оддалеченоста се знак за зрелост или стабилност. Но, во суштина, ова е состојба на емоционална индиферентност. Интимноста е сведена на обврска или формалност, а вистинска поврзаност речиси и да нема.


🥇Ниво III – Однос на безусловна посветеност и зрелост


🌱Највисоката форма на партнерски однос се карактеризира со свесна, доброволна и безусловна посветеност. Секој од партнерите е ориентиран кон разбирање и исполнување на потребите на другиот, без калкулации и условувања.


Контролата се враќа – овој пат не како алатка за доминација, туку како одговорност кон партнерот и врската. Ова не значи самозанемарување, туку зрело и активно учество во градењето на взаемна благосостојба, преку разбирање, прифаќање и грижа.


Во оваа фаза, партнерите се емоционално отворени, ранливи и автентични. Интимноста станува длабока, игрива, ослободена од инхибиции и страв, и е израз на целосна поврзаност – физичка, емоционална, ментална и духовна.


🙏И сега една искрена молба до тебе – не рипај кон заклучоци околу своите лични врски. Ова е сепак доста општа теорија, и само почетна точка за рефлексија:

  • 🔍 Каде сте?

  • 🔍 Каде сакате да бидете?

  • 🔍 Кои дефиниции/потреби не се јасно вокализирани?


📝Вежба за оваа недела (или уште подобро за викендот 😉)


💑Ова е вежба за романтични партнери. Нема бизнис верзија, зашто длабоките емоции се сепак резервирани за дома.


✍️Секој партнер зема неколку листа хартија или тефтер и рачно запишува. Редоследот е следен:


1. Лични дефиниции

  • 🖊️Секој самостојно ги запишува и рангира сопствените потреби по важност

  • 🔍За првите две највисоко рангирани потреби, опиши ги начините на кои најчесто ги остваруваш

  • 📊Оцени го партнерот (1-5) колку е успешен во исполнување на овие потреби


2. Перцепции за партнерот

  • 🖊️Секој ги запишува и рангира потребите на партнерот согласно својата перцепција и чувства

  • 🔍За првите две највисоко рангирани потреби кај партнерот, опиши ги начините на кои најчесто сака да бидат исполнети

  • 📊Оцени се себе си (1-5) колку успешно ги исполнуваш овие потреби на твојот партнер, повторно согласно својата перцепција и чувства


3. Споредба и рефлексија

  • 🔁 Размена на листови/тефтери и споредба на информациите

  • ❗️Доколку постои разлика во оценките, посебно голема разлика, тоа е почетната точка за разговор

  • 📌За подобро визуелно согледување на разликите во перцепцијата еден за друг и пречките за јасна комуникација, можете да ги запишете резултатите (особено различните) на табла или друго визуално помагало.


✴️За крај, едно важно потсетување:

  • За оваа вежба да биде успешна, партнерите мора да настапат од позиција на почит, целосна доверба и емотивна ранливост.

  • Партнерите не се опоненти во битка, не се конкуренција, туку сојузници за подобрување на заедничкиот живот.

  • Вежбата исто така, претпоставува дека и ти и партнерот веќе ги имате прочитано и разбрано 6те човечки потреби. Доколку не,читнете ги во изданието „Најважниот соговорник“.

 
 
 

Comentários


Контакт 

Лазар Трповски бр.30/3-1
1000
​​
Тел: +389 (0)72 422 026
Е-пошта: ivana.bellek@gmail.com

  • LinkedIn
  • Facebook
  • Instagram

© 2024 од LekicKa. Сите права се задржани.

bottom of page