НАЈВАЖНИОТ СОГОВОРНИК
- Ivana Lekic
- 2 days ago
- 4 min read

Мај често симболизира нови почетоци, раст и будење – особено на оваа страна од земјината хемисфера. За мене, овој месец има и длабоко лично значење – ме потсетува на блискост и партнерство. Пред точно 12 години во мај го запознав својот сопруг (мојата вечна друшка, човекот со кого растам секој ден). А, само минатата недела се случи голема семејна веселба – мојот брат се ожени со својата вечна друшка 😊.
Инспирирана од овие два моменти, решив месецов да го посветам на интерперсоналните односи и комуникацијата.
Зошто? Затоа што, без разлика каква титула носиш, каде работиш или од која земја доаѓаш пред сè — ти си човек. Полн со емоции, верувања, убедувања, копнежи, стравови и искуства, кои (свесно или не) го обликуваат начинот на кој се поврзуваш со другите – било тоа да се тимови, клиенти или семејство.
Во мојата пракса, често се случува клиентот да дојде со проблем „на работа“, кој всушност е само симптом или метафора за нешто подлабоко – нешто што се случува во личниот живот. Комуникацијата дома, слободата на емотивно искажување и начинот на кој се однесуваме со најблиските се нераскинливо поврзани со тоа како водиме, растеме и се развиваме професионално.
📌 Подобрувањето на односите со другите, особено со луѓето што ни се најблиски (системот за поддршка) е темелот за вистински, одржлив развој. Прво како луѓе. А потоа, неизбежно, и како професионалци.
Се одлучив да пишувам за комуникацијата, за слушањето, за (не)разбирањето, и за тоа како да бидеш подобар партнер, за да бидеш и подобар лидер.
За човечките потреби
🔍 Пред да се свртиш кон надворешниот свет, важно е да научиш и практикуваш искрена комуникација со својот најважен соговорник – самиот себе си. А, каде подобро да почне разговорот, ако не од твоите потреби?
👉 Согласно концептот на „Психологија на човечки потреби“, клучот за разбирање и менување на однесувањето кај луѓето, претставува нашата способност да си ги осознаеме и уште поважно, менаџираме сопствените потреби. Иако секој поединец е уникатен и различен, сепак нашиот нервен систем во најголема мера функционира на истиот начин. Оттука, главна движечка сила во шемите на однесување се токму 6те основни човечки потреби:
СИГУРНОСТ – потреба за стабилност, безбедност, комоција
РАЗНОВИДНОСТ – потреба за забава, промена, авантури
ЗНАЧАЈНОСТ – потреба за моќ, престиж, признаније, чувство на важност и релевантност
ЉУБОВ/ПОВРЗАНОСТ – потреба да се биде сакан, прифатен, поврзан, дел од нешто, доволен
РАСТ – потреба за учење, унапредување на вештини и знаења, откривање, наоѓање одговори и решенија
ПРИДОНЕС – потреба за помагање и давање на други, грижа за други (луѓе, повисока цел, подобро утре)
Иако се рангирани од 1 до 6, потребите не се последователно условени, ниту врзани. Она што е карактеристично е дека првите четири потреби се важни за твојот опстанок. Тие се столбови на твојата личност. Мора барем делумно да ги чувствуваш исполнети, дури и да е само во твојата глава (во перцепцијата).
Последните две пак, се основни за твојата исполнетост како човек. Тие се повеќе храна за душата и не секој успева да најде начин како да ги исполни. И не е ни чудо што има толку многу на хартија „успешни“ луѓе, кои се постојано несреќни, незадоволни и заглавени во трката за „уште“.
🎯 Фокусот ти го обликува животот! Во секој момент, твоето внимание најчесто е насочено кон исполнување на две примарни потреби. Токму тие две го обликуваат твоето однесување, како ги правиш изборите и начинот на донесување одлуки.
🧠 Ако твојата најголема потреба е сигурност, веројатно нема лесно да напуштиш работа од 10 години за да почнеш сопствен бизнис.
🌪 Ако ти доминира разновидноста, да речеме дека пандемијата ти била еден мал, личен пекол 😊.
Што е исто, ама не исто?
Иако сите ги имаме истите потреби, начините на кои ги исполнуваме овие потреби се многу различни. Тие се толку индивидуални, лични, и зависат од твоите верувања, потсвесно прифатени правила, вредности и искуства.
Начините на исполнување на потребите можат да бидат:
Деструктивни – нездрави, штетни за тебе и околината (особено на долг рок)
Конструктивни – здрави, одржливи и корисни за тебе и околината
Тоа значи дека двајца со иста примарна потреба можат да ја исполнуваат на дијаметрално спротивни начини.
Пример, некој кој најмногу вреднува значајност, може да ја исполнува преку менторирање, насочување и човечки пристап при водење на тимот на работа, со што добива признание како добар лидер кому тимот му верува. Додека, друг кому исто така значајноста му е на примарно ниво, ја исполнува оваа потреба преку ригидно и монополско „шефување“, најчесто пропратено со агресија, мешајќи го стравот на тимот со почит. Но, како рековме, нему реално му ја задоволува потребата, иако станува збор само за перцепција.
⚠️Внимание, замка!
Некое однесување може да исполнува повеќе од една потреба. Всушност, доколку некое однесување ти исполнува барем три потреби, тогаш си во ризик да ти стане ЗАВИСНОСТ.
Доста немил пример од денешницата – кладењето!
Кога ќе влезеш во кладилница, влегуваш во позната, комфорна средина – кафе, познати ликови и сигурност дека најлошото што може да се случи е да го изгубиш иницијалниот влог.
Возбудата и исчекувањето дали ќе добиеш или изгубиш ја исполнуваат потребата за разновидност.
Ако добиеш, добиваш признание и прифаќање – чувствуваш припадност. Ако изгубиш, си сочувствуваш сам со себе или добиваш утеха од другите т.е. пак добиваш внимание и конекција.
Но, не е се така црно. Осознавањето на себе си, своите потреби (примарни и останати), начините на кои ги задоволуваш, правилата по кои потсвесно „играш“...се првиот чекор кон свесно моделирање на твоето однесување.
✅Вежба за оваа недела
Во согласност со сè што прочита до сега, еве неколку прашања кои може да му ги одговориш на твојот најважен соговорник. Брутално искрено:
Кои се твоите две примарни потреби, во моментов?
Преку кои навики или однесувања ги исполнуваш? Дали се конструктивни или деструктивни? Помагаат или одмагаат во односите – и приватни и професионални
Имаш ли навика што сакаш да ја прекинеш, но ти се чини невозможно? Кои потреби ти ги исполнува?
Comments