Хјустон, имаме (МИС)КОМУНИКАЦИЈА!
- Ivana Lekic
- May 12
- 4 min read

Се ближат годишните одмори, па мислам дека почетнава анегдота ќе биде сосема корисна. Пријателка ми раскажува како отишла на одмор според препорака од комшиката:
„Mестото е прекрасно, хотелот преубав, храната – првокласна!“ И нормално, за таа цена, што има да му се мислиш?
Само штo, кога стигнала – сосема друга слика.
Хотелот на рид, до плажа има 15 минути надолу, а за назад 30 минути нагоре. Гужва, врева, деца трчаат, се шлапаат. До алтернативата базен – не ни можеш да стигнеш. Храната? Убава да, ама додека стигнеш на ред – останал еден гризнат компир.
И сега, кој е во право - пријателкава или комшиката? Одоговорот е – и двете...
МОЈ СВЕТ, МОИ ДЕФИНИЦИИ
Секој човек има свој модел на светот – внатрешна мапа преку која толкува сè што гледа, слуша, чувствува и доживува. Тоа е светот онака како што ние го доживуваме – низ филтрите на нашите искуства, верувања, емоции, воспитување, јазик, култура…
И токму затоа, двајца можат да ја слушнат истата реченица и да ја разберат целосно различно. Едниот ќе се насмее, другиот ќе се навреди. Едниот ќе „прочита“ внимание, другиот – напад.
Токму затоа и мојата пријателка и нејзината комшика беа двете во право. Секоја за себе согласно својата перцепција, дефиниција и правила.
Проблемот настана во моментот кога мојата пријателка си претпостави дека нејзините дефиниции за „прекрасно место“ и „убав хотел“ се исти со дефинициите на нејзината комшика.
💥 Суштинскиот проблем во комуникацијата е:
Претпоставката дека твојот модел на светот е ист со моделот на светот на соговорникот, и
Верувањето дека твојот модел на светот е „оној вистинскиот“
Многу пати во корпоративниот свет сум сведочела на сцени каде менаџер му дава фидбек на вработен: „Ова треба да се доработи, да биде убаво, професионално, да го личи! Се знае како треба.“ Звучно авторитетно, самоуверено и...апсолутно нејасно.
Резултат? Класика: 0 : 0.
Вработениот се враќа на задачата исфрустриран – за него и сега е убаво, баш му личи.
Менаџерот, по вторпат (неретко и по третпат) добива нешто што не му личи.
Зошто? Затоа што зборуваме со исти термини, но од различни модели на светот. Зборот „убаво“ не значи исто за сите. Кај некого значи естетски уредено, кај друг функционално, кај трет усогласено со брендот и политиката на фирмата. Ама никој не рече што точно значи во контекстот на таа конкретна задача.
👉 И ете ја големата тајна на виделина:
Комуникацијата не е тоа што го кажуваме – туку она што другиот разбира.
Затоа, ПРАШУВАЈ, НЕ ПРЕТПОСТАВУВАЈ!
✅ Откако ќе кажеш нешто – прашај дали те разбрале.
✅ Посматрај дали постапуваат според кажаното.
✅ Дообјасни се, не претпоставувај. Прашај: Како најјасно да ти објаснам? Со пример? Со слика/видео? Со напишани чекори?
✅ А, кога си на другата страна – не заминувај од разговорот додека не се усогласите во дефинциите и правилата за кој, каде, како, зашто и кога.
✨Јасноста не паѓа од небо – доаѓа преку интеракција.
А колку е средината поразнолика, моделите на светот поразлични, дотолку помалку „се знае како треба“.
Ама затоа дома не е така нели?
Искуствено, има еден многу интересен феномен кој го имам забележано – во приватниот живот си мислиме дека имаме ист модел на свет со партнерот. Никој не ги кажал своите дефиници, ама сите очекуваме да бидеме разбрани. Па љубов е тоа! Па уште ако сме долго време заедно - нема што веќе да научиме еден за друг.
Ама некако, кавгите се вртат околу истите теми, истите реченици, истите сценарија. И божем нешто ќе се договориме, и магично после три до шест месеци… ете ти го истиот конфликт назад. Само во ново пакување.
Зошто? Бидејќи и тука поимите се исти, ама моделите на светот се еднакво различни. Можеби имаме слични видувања, уверувања и вредности за накаде сакаме генерално да движи заедничкиот живот. Но, секој од нас растел во различно семејство, култура, со различни искуства, очекувања и трауми. Дури и кога зборуваме ист јазик, користиме исти зборови – дефинициите што ги носиме во нас не се исти.
Твоето „поддршка“ и неговото „поддршка“ не се исти. Твоето „чисто“ и нејзиното „чисто“ не значат исто, дури ни кога зборувате за иста ситуација.
Ти можеби си пораснал со модел дека љубов се покажува со гестови, подароци или физички контакт. Твојот партнер, пак, можеби ја разбира љубовта како разговор, тишина, или логистичка поддршка.
Што значи сето ова за тебе во пракса?
Ако сакаш да комуницираш јасно – прво започни со себе.
Се надевам дека ја заврши вежбата од минатата недела и барем се запозна подобро со своите потреби и начини на кои ги исполнуваш. Ако не, трк назад на претходната статија.
Следен чекор по сознавање на твоите потреби е разбуричкување на твоите дефиниции, правила, перцепции и проекции. Кога ќе ги освестиш, ќе можеш да ги менуваш. А тогаш и другите ќе можат полесно да те разберат.
✍️ВЕЖБА ЗА ОВАА НЕДЕЛА
❤️ Прашања за саморефлексија: Твоите правила за врска и љубов
Кои се твоите лични дефиниции и правила за тоа што значи „врска“?
Што треба да се случи за да се чувствуваш сакан/сакана?
Што ако не се случи?
Дали твоите правила се фер и јасни – и за тебе и за другиот?
Колку јасно ги имаш споделено и вокализирано тие правила и очекувања со партнерот?
На чии примери (родители, филмови, општество) ги базираш твоите верувања за врска?
Како може твојата врска да биде поинаква ако промениш барем едно правило?
💼 Бизнис верзија: Твоите правила за работа, професионализам и успех
Кои се твоите лични дефиниции и правила за тоа што значи „брз“, „добар работник“ или „професионално однесување“?
Очекуваш ли сите да ги следат тие правила, дури и ако никогаш не си ги кажал/а наглас?
Дали тие очекувања се реални и применливи за различни луѓе/тимови/контексти?
Дали твоите правила се флексибилни – или секогаш наметнуваат „или-или“?
Што би се сменило во тимот или организацијата ако отворено се разговара за овие „невидливи правила“?
Прашањата се исти независно дали се за лична или професионална комуникација, само со поинаков контекст и можеби малку поразлични емоции.
Сепак е потребно хараброст да се прашаш, и уште повеќе, искрено да си одговориш.
Comments